Панел дискусија во Ресен: Одржливото управување со отпад побарува системски пристап, координација и соработка
Преспанскиот регион се наоѓа во нова фаза на унапредување на системот за управување со отпад.

На панел-дискусијата „За почиста Преспа: заеднички чекори за подобро управување со отпад“, која се одржа во Ресен на 23 април, беше нагласено дека управувањето со отпадот е процес кој бара системски пристап, институционална координација и активно вклучување на сите засегнати страни. Присутните панелисти се согласија дека за Преспа да има одржливо управување со отпад, потребно е паралелно делување, и на ниво на политики и на терен.
На панел дискусијата, акцент беше ставен на тоа дека постојат веќе поставени основи, но следната фаза бара појасно дефинирани активности, подобра координација и континуирано вложување и во инфраструктура и во капацитети. Управувањето со отпадот е процес кој директно влијае врз квалитетот на живот, заштитата на природните ресурси и биодиверзитетот, но и на развојот на регионот, особено имајќи го предвид фактот дека Преспа е еколошки значајна област за земјата и регионот.
Во меѓувреме, на локално ниво веќе се постигнати конкретни резултати. Општина Ресен спроведува активности за расчистување на дивите депонии, при што шест од вкупно девет идентификувани локации се веќе исчистени. Планот е до крајот на годината регионот целосно да се ослободи од диви депонии – чекор кој значително ќе придонесе кон подобрување на животната средина и јавното здравје. Воедно набавени се нови возила за собирање смет, постојат неколку иницијативи за селекција на пластика, текстил, стакло, а се работи и на компостара за органски отпад, и се прави и едукација во училиштата и градинките, со што Преспа веќе покажува дека промената е навистина возможна.
Овие активности се навидум изолирани интервенции, но всушност се дел од поширок процес на воспоставување одржлив Регионален систем за управување со отпад (РСУО) за кој зборуваше Емил Ангелов од SALAR International. РСУО е клучен за одржливото управување со отпад и вклучува повеќе паралелни активности како затворање на дивите нелегални депонии, изградба на собирни центри и трансфер станици, и секако изградбата на модерната нова депонија во близина на Новаци. Проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“ кој го спроведува SALAR International во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС, соработува тесно и со националните институции и со 18-те општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион, во имплементацијата на РСУО. Резултатите се веќе видливи, а процесот на реформа е во нова фаза, во која фокусот се поместува од планирање кон конкретна имплементација, со јасни активности, инвестиции и институционални промени.
Панел дискусијата беше организирана во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка на Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.